Големо потфрлање на македонската дипломатија. Додека претседателот Стево Пендаровски се запознаваше со Ерос Рамазоти, а Зоран Заев се прегрнуваше со големиот пријател Алексис Ципрас, на погребот на еден од најмоќните државници на светската политика на 20 век, поранешниот француски претседател Жак Ширак, Македонија ја претставува некојси Едмонд Адеми. Министер без ресор задолжен за дијаспора, Охридско Езеро, погреби…

Во чувствутелен период за државата, кога чекаме Франција да ни намигне и да даде зелено светло за почеток на преговорите со Европската унија, нашето лобирање се сведува на селфито на Адеми со поранешниот американски претседател Бил Клинтон.

Зошто Пендаровски не присуствуваше на погребот на Жак Ширак?

Зошто Пендаровски одлучил да остане во Скопје и да не го искористи и овој настан за можеби најважното лобирање за Република Македонија?

Од неговиот Кабинет за Канал 5 велат дека одлуката кој да ја претставува државата била донесена по извршените консултации помеѓу претседателот, Собранието и Владата, но од кои причини изборот паднал на Адеми нема одговор.

Претсеадтелот Пендаровски вчера имал средби со претставници на Македонската банкарска асоцијација и со високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, а вечерта, како што објави на Фејсбук, ја завршил со концертот Ерос Рамацоти.

  На нашата средба непосредно пред концертот, помуабетивме за првиот контакт со музиката преку неговата гитара на 7 годишна возраст, па се до интернационалниот успех во 80-тите и 90-тите на минатиот век. Зборувавме и за неговата втора страст здрава животна средина – напиша Пендаровски во објавата.

Денот на погребот на поранешниот француски претседател беше ден на жалост во Франција. Во вечното почивалиште го испратија најмоќните светски лидери, сегашни и поранешни, и Едмонд Адеми.

 

Од Франција направи светска сила, му се спротивстави на Вашингтон за Ирак

Oколу 30 актуелни и поранешни светски лидери присуствуваа на комеморацијата во црквата Сен Сулпис во Париз со која започна погребната церемонија за поранешниот француски претседател Жак Ширак. Меѓу лидерите кои се простија од Ширак, познат по тоа што во 2003 се спротистави на американската интервенција во Ирак, беа и Владимир Путин и Бил Клинтон. Ковчегот со телото на Ширак, кој почина на 86 годии, беше носен по улиците на Париз, каде што од него се простија илјадници граѓани.

Ширак беше претседател на Франција од 1995 до 2007 година, а беше почитуван зашто земјата ја направи една од главните политички сили во светот, но беше во немилост на Вашингтон по противењето на интервенцијата во Ирак.

Меѓу лидерите на прошталната церемонија беа и германскиот претседател Франк-Волтер Штајнмаер, либанскиот премиер Саад ал-Харири и од британската кралска куќа, принцот Едвард, најмладиот син на кралицата Елизабета. Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер не присуствуваше од здравствени причини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.