На иницијатива на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска се одржа итна координативна средба помеѓу градоначалникот и претставници на Ресен, научните институции, експерти и заинтересирани страни за надминување на состојбата на драстично намалување на нивото на Преспанското Езеро. 

На средбата беше заклучено дека Министерството за животна средина и просторно планирање ќе ја интензивира прекуграничната соработка со Албанија и Грција, користејќи ги сите расположиви дипломатски канали за реализација на трилатералниот Договор за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа и за формирање заедничко координативно тело за прекуграничното управување и мониторинг не само на водите на Преспанското Езеро, туку и целиот екосистем на Езерото.

Во исто време ќе се работи на интензивно детектирање и реализација на активности за исполнување на националните обврски и можности за надминување на состојбите во Преспанското Езеро.

Заеднички беше ставот дека заштитата на Преспанското Езеро е процес на кој иако  и досега се работело, за да се добијат видливи резултати потребно е преземање долгорочни, добро координирани, континуирани и финансиски покриени мерки. Она што може да се направи веднаш,  е во најкус можен рок да се формира екпертска работна група, која ќе ги прибере и обработи сите постоечки податоци, и ќе даде научна проценка за причините за драстичното намалување на водостојот на Езерото, соопшти МЖСПП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.