Толпата мирен народ кој четврти ден протестира против францускиот предлог ја растераа димни бомби од полицијата и насилството на провокаторите инфилтрирани на протестот.

Како што предупреди ВМРО-ДПМНЕ уште вчера, власта го оствари планот – успеа да го растури мирниот протест внесувајќи меѓу мирните луѓе насилници со качулки кои го демолираа републичкото собрание.

Како што се гледа на објавените снимки, полицискиот кордон не се помести ниту педа додека летаа коцки од калдрмата пред Собранието врз главите на полицајците. Има повредени полицајци. Тие ќе ѝ бидат на душа на власта која им нареди да не ги чепкаат насилниците.

Вандалското однесување на групата од 20-30 насилници полицијата го искористи со топовски удари да ја растера толпата од пред Собранието.

Полицискиот кордон и потисна демонстрантите и се распореди на работ од булеварот „11 Октомври“, а потоа со ги потисна демонстрантите кон паркот Жена борец. Провокаторите продолжија и од таму да фрлаат со предмети кон полицајците.

Мирниот народ кој чекаше да се смири ситуацијата и да продолжи мирниот протест се разотиде. Провокациите не успеаја да ја наелектризираат толпата, туку ѝ послужија на полицијата како алиби да го растури протестот.

Насилството не беше поддржано од народот. Се пееја песни, се скандираше Македонија!

Денешниот протест започна пред Владата, продолжи пред МНР, па до Собрание. Кога стигнаа пред Парламентот беше интонирана националната химна и луѓе се обидоа да одржат говори, но дел од насобраната маса почна да вика дека – Ова не е митинг, по што почнаа да ја уриваат оградата. Тие бараат оставка од владата.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вчера предупреди дека веќе три дена на протестите против францускиот предлог има инфилтрирано провокатори кои треба да прават инциденти.

Точно е дека има провокатори, и вечерва ги видовме. Но, 90 отсто од нив не ја вршат работата за која се пратени, туку се солидаризираат со демонстрантите, рече Николоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.