Претседателот Борис Трајковски е првиот кој сите граѓани и сите политички партии, верски, традиционални старешини го признаа за свој претседател, за претседател на сите граѓани, независно од етничката и националната припадност, беше претседател кому му веруваа и очекуваа да ги промени на подобро работите во Република Македонија, рече професорот Владо Поповски, советник во кабинетот на поранешниот претседател, кој зборуваше за улогата на Трајковски за македонска држава на денешниот свечен научен собир во МАНУ на тема „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој 1941-1991/1991-2021“.

Поповски зборуваше за Трајковски како претседател кој во својот мандат успеал да седне и да разговара со сите, и од македонската и од албанска страна, и да одигра важна улога на почетокот на 2000-тите години.

Претседателот Трајковски во јуни 2001 пред Собранието на Република Македонија објасни дека Република Македонија мора да се држи до сразмерен одговор на паравоените структури, кои претседателот веруваше дека се борат за територии, за рушење на македонската држава или за поделба, укажувајќи дека мора да се држи до сразмерен одговор бидејќи во тие паравоени структури има многу млади Албанци од Македонија и на еден начин кај постарите генерации можеа тие да добијат поголема поддршка и авторитет, зборуваше Поповски.

Во неговиот мандат, во ситуација кога затекна меѓуетнички расцеп, Поповски рече дека Трајковски влегол во сите структури – и македонски и албански, разговарал со сите и имал поинаков пристап.

Ги сослуша сите, нивните маки, особено тежината на бесперспективност и се втопи како еден од нив, свој меѓу своите сограѓани. Поттикна активност на промена на работите, го отвори процесот на расправа на 4 релевантни партии во Македонија, двете најголеми македонски и двете најголеми албански партии, со задача да ги разгледаат сите проблеми, да предложат нивно решение, програма и активности. Меѓутоа, паравоените структури веќе притискаа, па од тие причини побара помош од САД и ЕУ да помогнат во продолжувањето на дијалогот со сите Албанци“, рече професорот Поповски.

Според Поповски, тој бил претседател кој станал пријател и близок соговорник со сите раководители на соседните земји, а искрено и пријателски бил прифатен и од Жак Ширак, и од Путин, и од Буш, и од Клинтон…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.