Владина делегација, предводена од премиерот во заминување Зоран Заев ќе учествува утре и задутре на Самитот на НАТО во Лондон, на кој се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата.

Во состав на владината делегација се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Централно место во програмата е Состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC) на шефовите на држави и/или на влади в среда на вториот ден од Самитот, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата, откако во февруари оваа година беше потпишан Протоколот за членство, што досега го ратификуваа 28 членки на НАТО.

По состанокот на Северноатлатскиот совет предвидена е прес-конференција на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Со учеството на состанокот на лидерите на земјите членки, Македонија ја потврдува определбата за целосно споделување на принципите за заедничка безбедност и за градење силни трансатлантски односи со најмоќната воена и политичка алијанса заснована на демократски вредности, како основа за заеднички просперитет и за напредок на земјите членки, се наведува во владиното соопштение.

Скорешното полноправно членство во НАТО, се додава во соопштението, е реализација на стратешката цел на нашата земја зацртана со консензус во 1993 година и овозможува идеални услови за зајакнат и забрзан економски развој.

Премиерот во заминување утре, на првиот ден од Самитот ќе учествува и на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера“, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“ (“NATO Engages: Innovating the Alliance”). Тој е поканет и на прием кај Кралицата Елизабета во Бакингемската Палата, што се приредува за сите делегации, во чест на состанокот на лидери на НАТО, како и на вечера за шефовите на држави и/или влади што ја приредува премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.