Владина делегација што ја предводеше министерот за здравство Венко Филипче, придружуван од министерот задолжен за подобрување на инвестициската клима за домашните компании Зоран Шапуриќ, и заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, положи цвеќе на гробот на поранешниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

„Како прв претседател на самостојна и независна Република Македонија, Глигоров имаше клучна улога во процесот на политичкото осамостојување на Македонија и нејзиното меѓународно признавање. Остануваат запаметени, меѓу другото, и неговите ставови за добрососедските односи дека „ние со сите наши соседи сакаме да имаме добри, пријателски односи, да имаме што поотворени граници, и да се свртиме кон оние проблеми кои не обединуваат, кои бараат заемна соработка – економска, политичка, и друга… И да ја оставиме историјата на страна“, се вели во соопштението од владината прес-служба.

И делегација на СДСМ денеска положи цвеќе и оддаде почит на гробот на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

Глигоров почина на 94-годишна возраст во Скопје, на 1 јануари 2012 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.