Се договоривме дека наскоро треба да се договориме, вели митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар на прашањето на „Плусинфо“ какви одлуки биле донесени на вчерашната седница на Синодот, а во поглед на интеграцијата на архијереите од Православната охридска архиепископија (ПОА) во Македонската православна црква (МПЦ-ОА).

Како што објасни владиката, црковниот врв на МПЦ-ОА наскоро ќе се сретне со владиците од ПОА и на таа средба ќе им бидат претставени, односно понудени неколку предлози за нивна интеграција.

На синодската седница донесовме одлука дека треба да седнеме на иста маса со архијереите од ПОА и да разговараме очи в очи. Откако ќе го одржиме тој состанок, а ве уверувам дека ќе биде за брзо време, тогаш ќе се знае отприлика во која насока ќе се движат работите во поглед на нивното прашање. Но, гледано од аспект дека ние веќе сме автокефална црква, автоматски на некој начин е решено нивното прашање. Ова го кажувам во смисла дека не може да има паралелна канонска црква на една иста територија. Многу добро знаеме дека Српската православна црква ја воспостави ПОА на нашата територија, но истата таа СПЦ сега нам ни додели автокефалност и со самото тоа се укинува функционирањето на ПОА. Сега се поставува само прашањето како ќе се интегрираат владиците од ПОА во нашата црква. Јас мислам дека е сосема разбирливо дека таа интеграција мора да биде во договор со нив, објасни владиката.

На прашањето дали е сѐ уште во игра сценариото да се испрати во пензија поглаварот на ПОА, г.г. Јован, еден епископ да остане под капата на СПЦ, а останатите двајца владици во улога на хороепископи да заминат во манастир, владиката Петар тврди дека сѐ е можно.

Секако дека постојат такви размислувања и кај нас и кај СПЦ, но тоа не е ништо конкретно и конечно. Станува збор за можности како да се изнајде некое најбезболно решение за да се надмине тоа прашање, изјави г. Петар.

Од ПОА за „Плусинфо“ кратко одговорија дека засега до нив не е пристигната никаква покана за состанок со црковниот врв на МПЦ-ОА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.