Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски втор ден ја продолжува посетата на Брисел на политичкото Собрание на Европската Народна Партија. Тој денеска најпрво оствари средба со господинот Дејвид Мекалистер, претседател на Европската Народна Партија и претседавач на Комитетот за надворешна политика при ЕП.

Потоа лидерот на ВМРО – ДПМНЕ оствари средба со господинот Иво Вајгл кој е известувач за Република Македонија во ЕП, а по завршувањето на пленарната седница на политичкото Собрание реализираше средба со Манфред Вебер, кој е претседател на парламентарната група на Европската Народна Партија и истовремено кандидат за претседател на ЕК од редовите на Европската Народна Партија.

 

 

По средбите Мицкоски посочи дека владеењето на правото и правната држава се загрозени во Македонија.


Во текот на средбите се разговарало за актуелната политичка и економска ситуација во Република Македонија. Тема на разговор биле неуспешни политики кои што владата на СДСМ и Зоран Заев ги реализираат во Република Македонија.

Ги запознав моите соговорници за отсуството на владеење на право и на изгубената правна држава, изгубената доверба на граѓаните на Република Македонија, која што практично е основен мотив истите да ја напуштат земјата. При средбата ги илустрирав оние последни 4 случаи кои што се случија пред некој ден, а тоа е гранатирањето на дуќан во центар на Скопје, запалените 2 угостителски објекти, едниот во старата скопска чаршија, а другиот во Општина Бутел. И оној вооружен грабеж кој што исто така се случи во главниот град на Република Македонија, потенцираше Мицкоски.

Тој посочи дека постои оправдан сомнеж Зоран Заев сака да ги украде престојните претседателски избори.

Побарав организирањето на фер и демократски избори биде еден од условите за отпочнување на преговори со ЕУ. Истовремено не ја испуштив можноста да лобирам, доколку се исполнат сите овие критериуми да биде овозможен напредок во европските интеграции на земјава, истакнал Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.