Засега нема нешто такво, ако има ќе информираме, изјави на денешната прес-конференција новиот портпарол на Владата, Душко Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата размислува да испрати протестна нота до Бугарија за последната изјава на тамошниот министер за одбрана Красимир Каракачанов дека може да испрати инженерски полк во земјава за да ги демонтира сите споменици на кои пишува „бугарски фашистички окупатор“.

Арсовски, изјавите ги оцени како недостојни и недолични, коментирајќи дека претставници на две земји-членки на НАТО не може да комуницираат на ваков начин меѓусебе.

„Веруваме во решенија и убедени сме дека земја сосед која прва ја призна независноста и беше промотор на патот на интеграцијата кон НАТО и ЕУ нема да помисли да го оспорува правото на идентитетско самоопределување на пријателскиот македонски народ. Може само да изразиме оптимизам дека тоа не е став на мнозинството граѓани и на академската заедница во Бугарија“, рече Арсовски.

Во врска со настапот на Каракачанов, Арсовски се повика и на денешната изјава на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која рече дека вакви настапи на министри за одбрана од регионот не доликуваат на земја членка на НАТО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.