Владата во наредните седум дена треба да најде решение да се исполнат барањата на лицата со попреченост. Поради ова ветување протестот, што беше најавен за во среда, ќе биде ставен во мирување.

Владата прави напори да исполни три од нашите барања – покачување на додатокот за попреченост и покачување на детскиот додаток , отворање регионални и дневни центри за овие лица, како и намалување на старосната граница – од 26 на 18 години – за остварување права од социјална и здравствена заштита. Сега тие добиваат само 5.000 денари. Доколку се прифати барањето, полнолетните лица со инвалидитет ќе можат да остварат право на гарантирана минимална помош во износ од 7.000 денари, плус додаток за лица со попреченост кој сега изнесува 7.100, а очекуваме да достигне 12.000 денари, изјави за „Слободен печат“ Суарет Алишан од Коалицијата „Менуваме“.

Претходно, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска рече дека ќе поттикне средба со градоначалниците со цел да се испорачаат сервиси и услуги во што е можно пократок рок заради отворање дневни и ресурсни центри.

Дел од барањата за кои уште не е најдено решение се ангажманот на лични асистенти кои ќе имааат статус на вработени, значи со платено пензиско осигурување. Исто така, се бара лицата со попреченост да добијат организиран превоз, регистар на ниво на државата, помагалата да бидат на товар на Фондот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.