Владата на денешната седница го утврди текстот на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, кој, меѓу другото, предвидува формирање на Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели која работите од својата надлежност ги врши врз основа на начелата на законитост, стручност, професионалност, одговорност, ефикасност и транспарентност.

Со предлог на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели, така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко при тоа почитувајќи ги меѓународните конвенции и европското законодавство што ја регулира материјата, информираа од Владата.

Од таму додаваат дека уште една значајна новина претставува обврската на компаниите со лиценци за одгледување канабис во медицински цели да уплатуваат средства во висина од 10 проценти од нето добивката остварена во тековната година на соодветна сметка во Буџетот.

Средствата собрани на оваа посебна сметка ќе бидат наменети за проекти од јавен интерес, како што се поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на фондот за медиуми, како и на програмските приоритети во спортот, културата, граѓанскиот сектор, како и за поддршка на работата на новопредвидената Агенција, истакнуваат од Илинденска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.