Владата сè уште не го разгледувала забелешките на Венецијанската комисија поврзани со Законот за употреба на јазиците, како и во кој временски период ќе се имплементираат. Наскоро, како што појасни министерот за правда Бојан Маричиќ ќе се формира работна група која детално да ги разгледа забелешките на Комисијата, по што ќе се одлучи како ќе се постапува по нив.

Принципилено ние секогаш како Влада сме ги почитувале препораките на Венецијанската комисија. Конкретно за овој закон Владата го испрати по своја иницијатива на разгледување и ги доби забелешките. Се уште не сме ги разгледувале, ниту на Влада, ниту сме одлучувале како ќе се имплементираат и во кој временски период, рече министерот Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Тој најави дека во наредниот период ќе се разгледа прашањето и ќе треба да се направи работна група која ќе треба детално да помине низ забелешките и коментарите на Венецијанската комисија.

Ние допрва ќе го разгледуваме ова прашање. Тоа не е разговарано ниту на ниво на Влада, ниту на ниво на коалиција за тоа како ќе изгледа процесот на разгледување на коментарите на Венецијанската комисија, кои во најголем дел најмногу и најсусштински се однесуваат на фунционирањето на овој закон во правосуството, рече Министерот за правда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.