Владата анализира дали со бранот замрзнувања на цените на прехранбените производи да бидат опфатени и овошјето и зеленчукот.

Од Владата порачуваат дека ќе продолжат да ги следат случувањата на домашниот пазар и на светските пазари и оти соодветно ќе реагираат.

На вчерашната седница на Владата е разговарано и за евентуално замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, а анализите што ги направило Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да се достават до Министерството за економија и до Кабинетот на премиерот.

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) вчера во пресрет на прес-конференцијата во Владата, побараа да се престане со замрзнување на цените на основните прехранбени производи и наместо тоа да се најдат други можности за намалување на цените за крајните корисници, како што се намалување на даноци и ДДВ и интервенирање преку државните резерви.

И од Стопанската комора на Македонија порачаа дека замрзнувањето на цените не е пазарно решение, а товарот од кризата, како што рекоа, не треба да го носи само една индустрија, туку да падне врз грбот на сите по малку. Предложија државата да даде таргетирана финансиска помош на ниво на семејства кои би купувале леб по замрзнати цени.

Сите одлуки за цените се донесени по директни разговори со производителите и се информирани и стопанските комори и Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) и Стопанската комора на Македонија, рече вчера министерот Бектеши.

Нагласи дека се отворени за предлози за други мерки, механизми и методологии но, само доколку тие се одржливи. Досега добиле конкретен предлог само за укинување на сите царински давачки, што, според Бектеши, е неодржливо на краток и на долг рок.

Првата одлука за замрзнување на цените беше донесена на 28 февруари кога се замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, а потоа на 16 март Владата донесе одлука да се замрзнат и цените на дел од тестенините и млечните производи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.