Продолжува трендот на самоволие и непочитување на процедурите од страна на мнозинството, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски образложувајќи ја одлуката да ја напуштат седницата за интерпелација на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Денес, Талат Џафери не дозволи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да дисктура по однос на интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Ова следи по скандалозното однесување претходната недела со кое од дневен ред се тргнаа интерпелациите за Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски. За прв пат во 30 години повеќепартиски систем на најголемата опозициона партија ѝ е оневозможено да збори за интерпелацијата на еден министер, чие работење го обележуваат многу скандали. Наместо Собранието да биде институција за контрола на владата, Владата преку Талат Џафери го контролира Собранието.

Наместо Претседателот на Собранието да работи согласно Деловникот и да обезбедува услови за демократска работа, тој со неговото авторитарно однесување создава атмосфера во која работата на Собранието ќе биде се понеефикасна, а одговорноста ќе биде на собраниското мнозинство и лично на Талат Џафери, рече Мицевски.

ВМРО-ДПМНЕ нема намера да учествува во театралната интерпелација режирана од страна на Џафери и СДСМ и затоа ја напуштивме денешната седница.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.