Бројките на заболени и починати од КОВИД-19 во Македонија секојдневно растат. Со вчерашните нови 428 случаи бројката на вкупно заболени достигна на 23.628 што е скоро дванаесет пати повисока од тоа што министерот за здравство Венко Филипче го прогнозираше на почетокот на пандемијата, а од нив активни се 5.555 и починати се 834 пациенти.

Со ваквиот исход граѓаните се повеќе се убедени дека на надлежните ситуацијата им излегува од контрола, а губењето на довербата може дополнително да се одрази негативно врз целата ситуација и почитувањето на мерките кои најчесто се закаснети и не ефективни.

Наместо под итно да се донесат мерки со кои би се закочил трендот од над 500 новозаразени дневно, Владата како што правеше и на почетокот на пандемијата, без да извлече никаква поука од изминатиот период, продолжува да носи закаснети мерки кои освен тоа што ги попречуваат граѓаните и ја разгоруваат економската криза, не носат никакви резултати бидејќи не делуваат превентивно туку се користат откако вирусот ќе ја направи штетата во одреден сегмент.
Нај свеж пример за ваквото постапување и игнорирање на проблемот се додека штета не излезе на површина е и функционирањето на ЈСП по саботен возен ред под претекст дека нема патници, иако излезе дека главната причина за ова не бил намалениот број на патници туку штедење поради загубите од 4 милиони евра кои ги имало претпријатието.

Возниот ред е саботен заради малиот број патници кои се превезуваат во текот на целиот ден и ги користат услугите на ЈСП. Само на неколку линии има зголемена фрекфенција на граѓаните и тоа само во утринските периоди кога одат на работа кога го зголемуваме бројот на автобуси на дневна основа. Заради пандемијата во одредени периоди имавме и дневна загуба од 55 илјади евра на целокупниот автобуски систем на транспортниот систем на Град Скопје. Во моментов и со вака редуциран возен ред правиме дневна загуба од околу 32 илјади евра. Мора да водиме сметка и за материјалната состојба на ЈСП, но и за Буџетот на Град Скопје, бидејќи од таму се префрлаат средства за загубите на ЈСП, објаснуваше тогаш Шилегов.

И покрај тоа што граѓаните се жалеа, а и експертите постојано укажуваа на тоа дека јавниот превоз поради преполните автобуси ќе биде извор на зараза, надлежните се одлучија да го игнорираат проблемот, а ЈСП и покрај ваквите бројки на заразени и починати сеуште вози со намален капацитет.

Ова вчера за ТВ 24 го потврди и директорот на ЈСП Кристијан Чушков кој вели дека тие се подготвени да го зголемат капацитетот на автобусите и дека чекаат финансиска помош од Владата за загубите на претпријатието.

ЈСП е подготвен, ние и претходно возевме на 50 отсто, потоа се зголеми капацитетот на 75 проценти. Ние сме подготвени да пуштиме во секој момент повеќе автобуси и да го испочитуваме договореното со Комисијата за заразни болести. Ние претходно, на почетокот, возевме со 50 отсто. Сега на некои линии возиме со саботен возен ред, а на ударните линии возиме со делнички летен возен ред. Отприлика пуштаме 180 автобуси. Во нормални услови сме пуштале по 283 автобуси, рече Чушков.

Тој додаде и дека јавното претпријатие трпи загуби, а чека помош од Владата за да се затворат некои долгови.

Со ова може да се заклучи дека и покрај огромниот ризик од ширење на вирусот, не се превземени мерки за целосно решавање на проблемот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.