Владата нема да ја искористи можноста за спогодување со подносителите на тужбите против државата во врска со деветте предмети кои се однесуваат на тековните кривични постапки за незаконското прислушување.

Граѓаните имаат право да ја дознаат вистината, а оние што евентуално сториле криминал или ги прекршиле законите, треба да одговарат за своите дела. Не сакаме и нема да прејудицираме дали е некој виновен или не, но ќе сториме се тоа да се докаже низ правна постапка – изјави министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Тој соопшти дека Владата го задолжила владиниот агент, до 18 декември, односно во предвидениот рок, да го извести Евроспкиот суд за човекови права во Стразбур за ваквата одлука.

Помилувањата на поранешниот претседател Иванов беа спротивни на домашното право и како такви беа извор на правна несигурност, како и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните. Нивното поништување, пак, беше повторно воспостваување на нарушената правна рамнотежа. Владата е должна ваквиот став да го брани пред Судот во Стразбур – подвлече Маричиќ.

Тој додава дека пораката е дека оваа Влада не е подготвена да прогласи врв на неказнивост.

Ние немаме друга алетернатива освен да останеме конзистентни на политиките и заложбите за неселективна правда што не ја загорузва пресумпцијата на невиност на обвинетите – истакна министерот.

Според него, не треба да се прашува што ако државата го изгуби спорот во Стразбур, туку колку државата ќе изгуби ако не влезе во овој спор.

Во изминатиот период правевме сериозни анализи и консултации со домашни и странски експерти и врз основа на тоа одлучивме дека иаме добри шанси да влеземе во овој спор и да ги браниме нашите позиции – изјави Маричиќ.

На 25 септември 2020 Судот во Стразбур на одговор до Владата достави две групи со вкупно девет апликации поднесени против државата. Обвинети во случаите кои произлегоа од незаконското прислушување, односно од случаите на поранешното СЈО, поднесоа тужби пред Судот во Стразбур, повикувајќи се на аболицијата на Иванов од 2016 година. Владата има рок да се произнесе до 18 декември 2020. До истиот рок треба да се произнесат и апликантите кои ја тужат државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.