Имињата на 14-те пациенти заразени со коронавирусот кои минатата седмица ги загубија животите за само неколку минути во тетовската модуларна болница, нема да бидат јавно објавени, иако по секоја голема несреќа институциите ги објавуваат имињата на жртвите кои загинале, во овој случај јавноста нема да го дознае нивниот идентитет бидејќи биле пациенти.

Од Владата за „Фокус“ објаснуваат дека нивниот идентитет е заштитен со закон.

Во случајот со трагичната несреќа во Тетово станува збор за пациенти и нивната приватност и идентитет се заштитени согласно закон. Дополнително случајот е под истрага на Обвинителството. Институтот за судска медицина целокупната документација ја предаде на истражните органи“, велат од Владата .

Во несреќата што се случи минатата недела, непосредно по прославата на независноста на Македонија, изгореа 14 пациенти кои се лекувале од ковид во тетовската модуларна болница. Во несреќата почина и уште една пациентка која не изгоре во пожарот, но пред да избувне огнот, неуспешно била реанимирана со дефиблиратор.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во гостување на Телевизија 24, го отвори прашањето зошто и по една недела не се објавуваат имињата на жртвите во пожарот.

Села вчера побара одговорност и оставка од Заев, но премиерот засега нема намера да се повлече поради трагедијата. Висат и оставките кои ги понудија министерот за здравство, Венко Филипче и двајцата директори на тетовската болница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.