Владава како соопштение ја пушти истата информација од вчера како реакција на пресот на ВМРО-ДПМНЕ за пишувањата во Бугарија дека Заев понудил пет предлози за декларација од кои едната е “говориме ист јазик но и различен, меѓународно признати како македонски и бугарски јазик” – реагира портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Тој тврди дека во соопштението повторно нема јасна ограда од пишувањата во бугарскиот печат, засилени и со видео коментари, дека не само јазикот, туку и “Охрид да го дал, џабе му е сега”.

-Маријан Забрчанец, оној медиа стратегот во влада, на 25 мај, онлајн во ООН збореше дека со транспарентноста и навременото информирање владата се борела со дезинформации. Сега според владата има “дезинформации”, паушално се оградува и обвинува, ама причината токму за “дезинформациите” според нив, е тоа што нема ама баш никакви информации, а не пак навремени, за тоа за што се разговарало во Бугарија, какви предлози и гаранции нудел Заев, ниту пак има јасни оградувања, ниту транспарентни постапки. Само паушални соопштенија, без личен јасен и гласен, прецизен настап. Согласно Договорот за добрососедство, државите ќе се борат за контрола на медиуми да нема ширење дезинформации и негативности кои што би предизвикувале негативности во соседната држава. Бугарија до сега 100 пати реагирала на текстови по медиуми, затоа и паѓаат фб страници на медиуми; па Захариева по настапи на медиуми прозиваше автори и медиумски текстови. Е сега, Владата на Заев директно не се оградува од пишувањата и нагласувањата во бугарскиот “24часа”; ниту пак бара од Софија да реагира. Нека побараат јасен демант од Софија ако им држи, ако немало предлози, ако не биле нудени формулации за јазикот.
Тоа што пишуваат, наместо да излезат пред вознемирената јавност, дека “отфрламе како неточни и штетни информациите објавени во дел од медиумите”, без да се нагласи кои медиуми- е паушално бранење без конкретен показател- весниците пишуваат за 5 а можеби Заев дал 3 предлози!? – коментира Стоилковски.

На крај портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ додава:

И повторно, однесувањето на пратениците од СДСМ во Собранието, бегањето да нема кворум за да се изгласаат заклучоци дека е потребна собраниска Декларација дека за идентитетските дефинирани одредби никој не смее да преговара, остава впечаток на отворање врата на Заев токму за вакви “подароци” за Софија.
И се додека кријат и се додека за “подароците” дознаваме од странство, притоа пласирано преку светски сервиси, како Дојче Веле, со досегашното искуство дека станувало збор за вистини, Заев и неговата свита залудно се кријат зад паушални соопштенија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.