Премиерот Зоран Заев додека беше во опозиција постојано упатуваше критики за бројот на вработени во јавната администрација. На последните неколку изборни циклуси во Македонија, Заев и раководството на СДСМ ветуваа намалување на јавната администрација за 20 проценти. Но резултатите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажуваат спротивно, односно дека бројот на вработени во Владата, министерствата во изминатите три години пораснал по сите основи. Огромен раст е забележан кај бројот на времени вработувања во министерствата и Владата од дури 337 проценти. Според мислењата на експертите ова се најчесто партиски вработувања.

Во текот на вчерашниот ден Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави резултатите од истражувањето и базата на податоци на вработувањата во министерствата и општините во последните три години по сите основи – редовен работен однос, привремени вработувања и ангажирање на договор на дело. По сите три основи на вработувања резултатите покажуваат зголемување на бројот на вработени во Владата, министерствата и општините.

Според базата на податоци, од овие новопримени или ангажирани луѓе во Владата и министерствата, во редовен работен однос се примени 154, на договор на дело се ангажирани 177, а привремено се вработени 209 луѓе.
Во периодот од три години, најмногу нововработени или ангажирани има во Министерството за внатрешни работи – 570, што е зголемување од речиси 5 проценти. Во процентуален износ, најмногу нововработени или ангажирани имало во Министерството за култура, дури 23,7 проценти.

Во Министерството за внатрешни работи бројот има зголемување за 570 луѓе, во Владата за 63 луѓе, во земјоделство има плус 68, во култура има плус 42 луѓе во министерство за информатичко општество и администрација бројот е зголемен за 41 личност.

Заев често ја критикува јавната администрација поради како што смета тој големиот број вработени во јавната администрација и полењето со партиски кадри. На конститутивната седница на Собранието во својот говор Зоран Заев уште еднаш потврди дека јавната администрација е пренатрупана и дека ќе го намалува бројот на вработени за 20 проценти.

Идните чинители во новата Влада ќе треба да се подготвени и за сериозна реформа на јавната администрација, зборуваме за промена која ќе донесе ефикасно служење на потребите на граѓаните, но и промена со која обемот на администрацијата ќе се намали за 20 проценти – рече Заев.

Наспроти ваквите тврдења на Заев бројките покажуваат нешто сосема спротивно. На пример, Општина Бутел, со 207 проценти зголемување на кадарот за три години е рекордер и според апсолутниот и според процентуалниот износ на зголемување на бројот на нововработени или ангажирани луѓе. Во споредба со 2017, во 2020 година Општината имала 122 повеќе луѓе. Потоа следува Општина Кавадарци со 87 вработени или ангажирани лица, или пораст од 77 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.