Предлог законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции што го утврди Владата ќе се носи со европско знаменце, иако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ако власта се обиде да го носи овој закон со европско знаменце дека ќе ги блокира сите идни закони, односно ќе го блокира Собранието.

Владиниот портпарол, Душко Арсовски објаснува дека законот има европско знаменце затоа што во неговиот текст има повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот парламент и на Европскиот совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции како што се Единствената конвенција за наркотични дроги на Обединетите нации од 1961 година со Протокол за дополнување од 1972; Конвенцијата за психотропни супстанции на Обединетите нации од 1971 година и Конвенција на Обединетите нации против недозволена трговија со опојни дроги и психотропни супстанции од 1988 година.

Една од новините што го предвидува овој предлог-закон е формирање Агенција за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели, која работите од својата надлежност, ги врши врз основа на начелата на законитост, стручност, професионалност, одговорност, ефикасност и транспарентност.

Според него, со предлог на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели, така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко, притоа почитувајќи ги меѓународните конвенции и европското законодавство што ја регулира материјата.

Новина во Предлог-законот за опојни дроги е обврската на компаниите со лиценци за одгледување канабис во медицински цели да уплатуваат средства во висина од 10 отсто од нето-добивката остварена во тековната година на соодветна сметка во буџетот ќе бидат наменети за поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на фондот за медиуми, на програмските приоритети во спортот, културата, граѓанскиот сектор како и за поддршка на работата на новопредвидената Агенција.

Иако во Казнениот законик е дозволена и не е казнива употребата на канабис за лична употреба, со овој закон ќе се допрецизира оваа област.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.