Фирмите „Серта“ и „Бапал“ се двата сервиси за хигиена што ги одржуваат објектите на државната управа, а истите денеска ја отстрануваат железната ограда пред Владата. Ниту една од фирмите не врши градежни услуги, покажуваат информациите до кои дојде „Макфакс“.
„Бапал“ доби тендер од 3,3 милиони евра за одржување на хигиената во Владата. Во рамки на услугата што оваа фирма треба да ја изврши, согласно со договорот, влегува чистење канцеларии, лифтови, санитарни јазли, покриви, фасади, патеки, гаражи, подруми. Договорот нема ставка што се однесува на вршење други услуги, како отстранување објекти или демонтажа на опрема. Според нивната веб-страница, тие се специјализирани за чистење, молеро-фарбарски, гипсарски, електричарски и водоинсталатерски работи.
Втората фирма што работи на отстранување на оградата пред Влада е „Серта“, чиј договор со владините служби изнесува 4 милиони евра. Предмет на склучениот договор е одржување на хигиената. „Серта“ ги има истите обврски како „Бапал“, па така, нема дел во кој договорот со Владата ја обврзува фирмата да врши работи што не се однесуваат на хигиената, пренесува порталот.
Помеѓу прашањата за владината ограда, кои денеска „Република“ ги испрати до портпаролот на Владата, беше поставено и тоа „Колку чини отстранувањето на оградата?“, но ова прашање остана без одговор.
Неодоговорено беше и прашањето за тоа како ќе се консултираат граѓаните за судбината на отстранетото железо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.