Целосно укинување од утре на полицискиот час и на ограничувањето од максимум 100 гости на свадби и прослави, како и дозвола за организација на настани, концерти и забави во клубовите и локалите само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1.000 лица, се новите препораки кои вчера ги донесе Комисијата за заразни болести и ги прифати Главниот координативен Ковид-19 кризен штаб, а се очекува денеска на својата седница да ги усвои Владата.

Министерството за здравство соопшти дека епидемиолошката состојба е стабилна и ја дозволува ваквата одлука.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани се четири нови случаи со Ковид-19, еден починат и 14 оздравени пациенти.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.540, бројката на оздравени пациенти е 149.642, на починати е 5.472, а на активни случаи изнесува 426 од кои 183 се во Скопје.

На инфективните одделенија во државава се лекуваат вкупно 99 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, од кои 34 се во Скопје. Поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.