Четвртата редовна седница на Владата ќе се одржи денес во Штип, а техничкиот премиер Оливер Спасовски и министрите, како што соопшти владината прес – служба, ќе имаат и повеќе активности во штипскиот регион.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски ќе изврши увид во работата на пречистителната станица Злетовица во населба Баби.

Пред одржувањето на владината седница во Штип, вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со британскиот бригаден генерал, Хју Лојд Џонс ќе ја посетат Касарната „Јане Сандански“ во Штип. Во оваа касарна се реализира обука под менторство на припадниците на вооружените сили на Обединетото Кралство.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски, заедно со вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори Мила Царовска, дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Санела Шкријељ и директорката на УЈП, Сања Лукаревска ќе ја посетат текстилната компанија „Албатрос“ во Штип. Предвидена е средба со менаџментот и вработените во фабриката.

На оваа средба, како што е најавено, ќе присуствуваат градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, претставник на Организацијата на работодавачите, како и претставник на Здружението „Гласен текстилец“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.