Владата на Република Македонија на денешната редовна 106-та седница, на предлог на Комисијата за стратешки инвестициони проекти, со посебни одлуки ги утврди како стратешки инвестиционите проекти на Друштво за производство на енергија ЕФТ „Солар“ дооел Скопје и на Друштвото за производство, трговија и услуги „Ветерен Парк Вирови“ дооел Скопје.

Според мислењето на Комисијата за стратешки инвестициони проекти, проектот на ЕФТ „Солар“ за „Сончева електрична централа Ерџелија“ и проектот на Ветерен парк Вирови за „Ветерна електрана Вирови“ ги исполнуваат условите од Законот за стратешки инвестиции и со овие одлуки тие се квалификуваат за вадење банкарска гаранција која им е неопходна за целосно затворање на постапката за стратешки инвестиции утврдена со законот.

Владата денеска го утврди и текстот на Предлог-законот за гаранција на Република Македонија за обврските по Договорот за заем за финансирање на проектот на Акционерското друштво за производство на електрична енергија „Електрани на Македонија“ во државна сопственост (ЕСМ) за транзиција кон соларни фотоволтаици, кој ќе се склучи со Европската банка за обнова и развој.

Целта на проектот е да ѝ помогне на земјата во постигнување на европските норми за емисии на стакленички гасови и еколошките цели и заложби на Република Македонија. Истиот ќе има позитивен ефект врз животната средина, бидејќи со пуштање во употреба на фотонапонските електрани ФЕ „Осломеј 2“, со моќност од 10 MW и ФЕ „Битола“, со моќност од 20 MW, ќе се намали производството на електрична енергија од термоцентралите, со што, нема да има штетно влијание врз животната средина.

Оваа инвестиција ќе придонесе за нови вработувања, што позитивно ќе влијае врз социјалниот аспект во овие два региони, каде што е планирана изградбата на двете фотонапонски електрани.

Вкупната проценета вредност на проектот изнесува 25 милиони евра. Проектот се планира да се финансира со заем од ЕБОР и со инвестициски грант од ЕУ од Фондот за инвестиции за Западен Балкан од 5 милиони евра.

На оваа седница е утврден и текстот на Предлог-законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Патен коридор VIII – I фаза на проектот, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Јавното претпријатие за државни патишта.

Целта на проектот е да се подобри патната инфраструктура во земјата, односно изградба на дел од Европскиот коридор 8 на ниво на автопат, со што, значително ќе се подобри мобилноста и трговската размена, ќе се подобри безбедноста на патот и ќе се скрати времето на патување, ќе се зголемат можностите за социо-економски развој, како на национално, така и на регионално ниво.

Следствено на тоа, Јавното претпријатие за државни патишта и ЕБОР ќе склучат Договор за заем, додека Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии и ЕБОР ќе склучат Договор за гаранција, за обезбедување на средствата во износ до 110 милиони евра.

На денешната седница Владата ја усвои информацијата за креирање, реализација и имплементација на соодветен информациски систем за дигитализација на туристичко-угостителскиот сектор е-туризам.

Според Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот целта на овој информациски систем за дигитализација на дел од услугите во овој сектор е креирање на национална дигитална алатка за собирање податоци на давателите на услуги за сместување и нивните сместувачки капацитети на територијата на Република Македонија, како и да се врши пријавување и одјавување на туристи од страна на давателите на услуги за сместување преку Интернет.

Дополнително платформата е-туризам ќе нуди можност да врши утврдување и контрола на даноците врз основа на пријава и одјава на туристи и податоци за индивидуални сместувачки капацитети како и известување за статистичките податоци во реално време на дневна основа  или со интервал не повеќе од 24 часа.

На оваа седница, Владата донесе одлука наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар да продолжи да се изведува онлајн до 20 септември наместо до 14 како што беше планирано со претходната одлука.

Владата денеска ги утврди и пакетот договори и меморандуми за соработка со Република Косово, кои што се предвидени да бидат потпишани на заедничката седница на двете влади којашто ќе се одржи во Скопје на 16 септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.