До февруари 2020 Охрид и Македонија имаат рок да ги спроведат препораките за заштита на природните богатства, реши УНЕСКО на 43. сесија што се одржува во Баку, Азејберџан. Засега, охридскиот регион нема да се најде на листата на загрозени подрачја.

Сите дивоградби кои имаат решенија за уривање ќе бидат урнати, вклучително и тие на актуелни функционери и член на градскиот совет на Охрид со кој се поврзуваат два спорни објекти, едниот  во близина ја крајбрежјето, а другиот во центарот на градот, најави премиерот Заев.

Решението е издадено, следува процес на извршување. Законот мора да важи еднакво за сите. Ако не постапи Општината, ќе постапи државата. Тоа не е само поради УНЕСКО, туку и поради законите во земјава кои треба да се почитуваат, истакна Заев, по отворањето на новиот погон за месни преработки во Глумово, Општина Сарај.

Според Регистарот на дивоградби кој на барање на УНЕСКО го изработи општината, во Охрид има 1.076 дивоградби, од кои над 400 се во заштитените зони, поради што, меѓу другото, Охридскиот регион е под закана да биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 43 сесија што се одржува во Баку вчера ја отвори расправата за состојбата на светското културно и природно наследство на Охридскиот региот и предлогот тој да биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност.

Делегацијата од Македонија, министерот Едмонд Адеми, заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски успеале да ги убедат експертите на УНЕСКО дека веќе била запрена изградбата на дивоградбите и дека до февруари ќе можат да ги спроведат препораките.

Медиумите деновиве ги потсетуваат властите на неколку дивоградби кои и покрај решенијата за уривање или немањето дозволи за градба, продолжуваат да се градат без никакви проблеми. Здружението „Фронт 21/42“ предупреди дека од ноември 2017 до април 2019 година се легализирале 250 дивограби.

Македонската делегација бара одложување на одлуката и нов временски рок да постапи по 19-те барања на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година, кои во најголем дел не се исполнети. Целиот случај ќе се разгледува уште еднаш во пакет со барањето за ставање под заштита на албанскиот дел од Охридското Езеро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.