Владата денеска донесе и измени и дополнувања на протоколите за работа на кафулињата и на угостителските објекти за исхрана со кои се укинуваат ограничувањата за седење на две лица на една маса, како и ограничувањето со кое се определуваше дека на една маса можат да седат четворица само ако се од исто семејство.

На седницата беше заклучено Комисијата за заразни болести да го разгледа прашањето за давање дозвола за транзит со приватно возило низ територијата на С. Македонија за државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кое не беше опфатено со мерките за државјаните на овие земји.

Владата на Република С. Mакедонија на оваа своја седница ја разгледа и усвои Информација за можноста на Република Северна Македонија да се приклучи кон глобалната набавка на вакцини за КОВИД-19, преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефикасни вакцини за КОВИД-19, и го овласти министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче да ја потпише необврзувачкатa изјава за намери за приклучување кон COVAX механизмот, и да учествува во дискусиите за консултации за дизајнот и принципите на работа на механизмот, што ќе се одржат во текот на овој месец.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата и го усвои текстот на вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325, Жени, мир и безбедност на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации (2020 – 2025) – стратешка рамка, и го задолжи Министерството за одбрана да ги координира сите активности за имплементација на вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325, Жени, мир и безбедност на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации (2020 – 2025) – стратешка рамка.

Владата ги задолжи Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование, Министерство за правда, Министерство за финансии, Центар за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, да изработат оперативни планови за имплементација на вториот НАП за Резолуцијата 1325 (2020 – 2025) во координација со Министерството за одбрана до крајот на месец септември 2020 година, додека на единиците на локална самоуправа им се препорача да изработат оперативни планови за имплементација на оваа резолуција.

Министерството за одбрана има задолжение да координира со процесот на мониторинг и известување преку формирање на тело (работна група за координација, мониторинг и евалуација на вториот НАП за имплементација на Резолуцијата 1325, Жени, мир и безбедност на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации (2020 – 2025), како и да изработи и да достави до Владата на Република Северна Македонија информација за степенот на реализација на втората етапа до крајот на месец октомври 2020 година.

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница донесе Одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „SABER JUNCTION 20” во Сојузна Република Германија во периодот од 28 јули до 25 август 2020 година.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за индикативни услови за финансирање на фотоволтаичните електрани Осломеј 2 и фотоволтаичната електрана Битола со поддршка на Европската банка за обнова и развој и ја задолжи АД „Електрани на Северна Македонија“ во државна сопственост по завршувањето на формалната процедура да ја извести за финалните понудени услови за финансирање.

По повод прославата на националниот празник Илинден 2020 година, на денешната седница Владата заклучи Организацискиот одбор за прославата на националниот празник Илинден 2020 година да го предводи Оливер Спасовски, претседател на Владата на Република Северна Македонија, а во одборот да бидат вклучени претставници на Канцеларијата на претседателот на Владата на Република С. Македонија и претставници од Секторот за односи со јавност на Владата.

Оваа година делегација на Владата на Република С.  Македонија по повод прославата на националниот празник Илинден 2020 година во Скопје ќe ја предводи претседателот на Владата, прославата во Крушево ќе ја предводи претседателот на Собранието на Република С. Македонија, а прославата на националниот празник Илинден 2020 година во Пелинце ќе ја предводи и ќе се обрати претседателот на Република С. Македонија, Стево Пендаровски.

Со заклучок на денешната седница е утврдена и Владината делегацијата по повод прославата на националниот празник Илинден 2020 година во Смилево.

Во врска со организацијата и прославата на државните празници, Владата го задолжи Министерство за здравство, преку Комисијата за заразни болести да обезбеди протокол за организација на државните настани во време на пандемија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.