Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, во врска со т.н. нон-пејпер за решавање на спорот меѓу двете земји, што вчера циркулираше во одредени медиуми, соопшти дека од официјална Софија не е пристигнат никаков документ, бидејќи со месеци наназад не се водат никакви преговори за надминување на прашањето со Бугарија.

 

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, ставот на претседателот во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет, за тоа досега ниту се преговарало, ниту пак ќе се преговара во иднина.

Владата, пак, во одговор на прашањето на МИА, дали во оптек е нов нон-пејпер за решавање на спорот меѓу двете земји, соопштија дека, за нив, официјален е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со Европската Унија и оттаму сметаат дека тој предлог овозможува решенија прифатливи за сите страни.

Таканаречениот нон-пејпер вчера го објави телевизија „Клан“ без да наведе конкретен извор, а за кој наводно се запознати и Скопје и Софија, но и поважните земји-членки на Унијата.

Република C. Македонија останува посветена во процесот, со цел надминување на разликите со Република Бугарија, со што и би се отстраниле пречките за почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Тоа е во интерес на граѓаните на двете држави, а со тоа и на европската агенда. Се надеваме дека колку може поскоро ќе се создадат политички услови во Бугарија за да се отвори можноста за интензивен дијалог меѓу Скопје и Софија за решавање на прашањата кои предизвикаа блокирање на процесот на проширување на ЕУ – се наведува во одговорот од Владата.

Нон-пејперот содржи неколку точки како насоки за решавање на спорот. Според објавениот документ, на Бугарија ќе и се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација – држава, при што ќе и се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок и со тоа Бугарија, како што се наведува ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе и се загрози долгорочната стабилност и безбедност.

Во нон-пејперот, што го објави ТВ „Клан“, се тврди дека во Република Македонија, пак, ќе се засили контекстот на мултиетничкото општество преку вклучување и на бугарскиот наратив. Се предлага Бугарите да се внесат во Утавот, соодветно како и сите други етнички заедници, здруженијата на Бугарите со тоа ќе добиеле заштита и посебна нега од државата за да негуваат, да промовираат и изучуваат сопствен аспект на историските настани и тоа ќе им било уставно загарантирано. Се додава и дека мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себе се идентификуваат како Македонци, и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја.

Тоа подразбира дека ќе постои единствена фактичката вистина, произлезена од емпириската научна активност, но на која ќе и се овозможи дуален аспект за дефинирање на националниот контекст и значење за двата национални идентитети – се наведува во нон-пејперот.

Во документот се додава и дека овој дуален систем ќе се применел и во образовниот систем, со дуално објаснување на контекстот на историските настани, вклучувајќи ги и македонскиот и бугарскиот наратив.

Прашањето на јазикот и употребата на краткото име за Македонија, треба да биде решено според предложеното од претседавачките предлози (германски, португалски, словенечки), кои веќе беа неофицијално земени предвид како прифатливи за двете страни – се наведува во нон-пејперот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.