Владата на денешната седница ги усвои измените на законите за личната карта, за матичен број, за државјанство, за личното име, за патните исправи на државјаните на Македонија и за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните.

Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски, со измените се овозможува граѓанинот да може да поднесе барање и преку средство за електронска идентификација преку Националниот портал за електронски услуги, согласно прописите од областа на електронското управување и електронските услуги. Вооедно, потребните документи кои се потребни во постапката, институцијата ги прибавува по службена должност преку Националната платформа за интероперабилност, согласно прописите од областа на електронското управување и електронските услуги.

Наведените закони, како прв дел од пакетот измени, ќе овозможат целосна електронска комуникација на сите нивоа и помеѓу сите субјекти во правниот промет, на начин што овозможуваат употреба на средства за електронска комуникација и електронска идентификација. Дополнително, овие закони овозможуваат електронско обезбедување на административни услуги, од поднесокот на барањето, до издавање на актот со кој завршува постапката. Во истиот контекст, наведените процеси имаат за цел дигитализацијата на процесите за кои се надлежни институциите од јавниот сектор и намалување на доказите кои граѓаните и бизнисите ги доставуваат во постапки за остварување на права или исполнување на обврски пред надлежни органи. Имено, процесот на дигитализација, како механизам за спречување на корупција ќе обезбеди намалување на човечкиот фактор, односно намалување на субјективното влијание на службениците кои ги водат постапките, информира Кабинетот.

Овие измени, како што се додава во соопштението, се резултат на интензивната работа на Работната група за подготовка на измени и дополнувања на закони заради дигитализација на процеси определени со закон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.