На денешната прва редовна седница во новиот состав, на предлог на премиерот Оливер Спасовски, кој претседаваше со седницата, Владата донесе одлука за определување на заменици на претседателот на Владата.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска е определена за заменичка на претседателот на Владата, соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста, додека за заменичка на претседателот, задолжена за економски прашања е именувана Мила Царовска. За заменик на претседателот, задолжен за европски прашања е определен Бујар Османи, а Садула Дураки, министерот за политички систем и односи меѓу заедниците е именуван за заменик на претседателот.

На денешната седница се определени и портфолијата на на министрите без ресор. Министерот Роберт Поповски е задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Едмонд Адеми е министер задолжен за дијаспора, Музафер Бајрам е министер задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, Зорица Апостолска е министеркa без ресор задолжена за странски инвестиции, Бардул Даути е министер без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан е министер без ресор задолжен за странски инвестиции и Хисен Џемаили е министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

За Генерален секретар на Владата е именуван Драги Рашковски, а за негов заменик Таки Хани.

На предлог на Спасовски, на денешната седница се именувани претседателите и членовите на основните комисии на Владата.

За претседателка на Комисијата за економски систем и тековна економска политика е именувана Мила Царовска, за претседателка на Комисијата за политички систем – Радмила Шекеринска, а за претседател на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој – Бујар Османи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.