За заменик-министер за одбрана е предложен Башким Хасани, за заменик министер за внатрешни работи Назим Буши, додека Агим Нухиу е предлог за заменик-министер за правда.
Илхан Рахман е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исаки за заменик-министер за надворешни работи.

Предлог за заменик-министер во Министерството за финансии е Димитар Ковачевски, во Министерството за економија Зоран Маневски, а во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.

Илир Хасани е предлог за заменик-министер во Министерството за здравство, Арафат Шабани во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа, а Седат Сулејмани во Министерството за култура.

За заменик-министер за информатичко општество и администрација е предложен Александар Бајдевски, за Министерството за транспорт и врски Беким Реџепи, а за Министерството за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска.

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања рече дека со предлог листата за заменици-министри се доставени и биографиите на кандидатите, завршени се разговорите со сите потврдени и потенцијални кандидати за заменици министри и сите ќе добијат шанса и ќе можат да бидат вградени во одредени други општествени области кои се под надлежност на извршната власт.

Листата со предлози за замениците-министри со нивните биографии во име на премиерот Зоран Заев Владата ја достави до Собранието и преку соопштение попладневно ги објави нивните имиња.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.