Доколку би суделе по често повторуваниот шаренашки слоган дека „демократија е кога владата се плаши од народот, диктатура е кога народот се плаши од сопствената влада”, можеме да заклучиме дека во Македонија почна да се раѓа сонцето на слободата. И демократијата. Поради што домашниот естаблишмент е длабоко престрашен, додека пак граѓаните љубопитно следат од страна, благодарение на педантната НАТО-декласификација на каколот од житото, компромитираното од доверливото, неодговорното од одговорното. Во рок од неколку недели, чиновите од Алијансата во Брисел јасно и коректно демонстрираат што значи селекција лишена од партиски, етнички, религиски, клановски, „нашедетевски”, круг-елитини, картелски бои. Сумирана во познатата „ни по баба, ни по стриковци”, туку по стандарди кои не прашуваат за пардон. НАТО навистина не е демократски сојуз, но токму затоа, темелниот пристап на селекција според индивидуална одговорност, отчетност и доверливост не е ништо помалку од долго очекуванатилустрација за начинот на кој сериозни институции се справуваат со предизвици. Накусо, непријатните ишарети од Алијансата се непријатни за естаблишментот, но се – верувајте! – ништо помалку од свежо ветре во засмрдениот естаблишмент. Впрочем, и Прибе доаѓа од земја членка на НАТО – пишува Арсим Зеколи во својата колумна за Дојче Веле.

Добра и лоша вест

Процесот на сертификација на домашниот воено-политички-безбедносен корпус заслужува сеопшта поддршка, бидејќи таквиот пристап не е диктиран од мотивите про и контра, туку од стандардите и принципите кои важеле за сите пред нас, и после нас. Затоа, погрешни се интерпретациите во кои акцентот се става врз „одбивањето” на индивидуата, со што се дефокусира вниманието од вистинската цел на усовршување, адаптација, надградба и консолидација на нашата сеопшта безбедност. Тоа е добрата вест за нас.

Лошата вест за естаблишментот е дека длабочината на безбедносната цензура во воено-безбедносниот апарат, следена од широчината на безбедносна цензура во политичко-административниот сегмент е со таков обем, што е неминовен заклучокот дека оваа Влада, под водство на Зоран Заев, е веќе падната. Тоа е единствениот логичен заклучок базиран врз соодносот помеѓу државничката одговорност кон граѓаните и политикантско ескивирање на отчетноста. Владата под водство на Зоран Заев е компромитирана по секоја основа на стандардите и духот на демократската отчетност, ефективно падната и оставена да се крие зад смоквиниот лист на „изборни резултати, мнозинство во парламент, сака не народ”. Празна математика на очај и кукавичко избегнување на соочување со базичниот камен темелник на секоја демократски избрана влада: сносење одговорност за неисполнување на преземените обврски и лажење на сопствените граѓани.

Апологетите на секое потфрлување на политиките и поведенијата на Владата предводена од Зоран Заев допрва треба да најдат приближно убедлив спин за скандалот со сертификатите. Уште на самиот почеток на непријатните вести од Брисел, укажав дека одбивањето на давање сертификат не е само по себе некаков страшен скандал, причина за драматизација. Но, инсистирањето на едни те исти имиња, и покрај веќе дадените назнаки за нивно неприфаќање, е скандал далеку поголем и позагрижувачки од самото одбивање. Таквото инсистирање во најблага мерка укажува на целосно непознавање на начинот на кој функционира Алијансата; во позагрижувачка мерка индицира персонален непотизам на домашните селектори; и во најзастрашувачки аспект импутира сомнеж дека самите домашни селектори се само спроведувачи на туѓи интереси и без право на автономен глас и став во носење одлуки.

Целиот текстна DW

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.