Владата соопшти дека во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала какво било политичко влијание во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на  Македонија и Бугарија.

Оттаму велат дека секогаш ја поддржувала нивната работа, како научници кои сами, заеднички од двете страни, ги утврдиле своите принципи на работа.

Категорично отфрламе каква било инсинуација дека имало какво било влијание на одлуката на професорот Ванчо Георгиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или која било нејзина институција. Поаѓајќи од начелото на целосна независност и слобода во работата на Комисијата, секој член на нашиот дел од Комисијата има право да донесе одлука во врска со понатамошното учество – наведуваат од Владината Прес-служба.

Во соопштението се додава дека професорот Ванчо Георгиев само пред една недела „го потпишал со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата“.

Сметаме дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Георгиев си дозволи да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија – се додава во соопштението.

Оттаму наведуваат дека со ова соопштение укажуваат на фактите и дека ја почитуваат одлуката на проф. Георгиев и му се заблагодаруваат за неговиот досегашен ангажман.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.