Досега во преговорите со Република Бугарија не е разговарано бугарската етничка заедница да биде вметната во нашиот Устав и нема такво барање од бугарските власти, велат од Владата за „Независен“, по изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Од Владата истакнуваат дека Македонија е граѓанска држава и нашиот Устав ги гарантира правата на сите граѓани без оглед на нивната етничка припадност.

Владата нагласува дека етничката разноликост е тоа што ја прави земјава препознатлива во светот и со што треба сите да се гордееме. Владата секогаш ќе презема проактивни активности кои се во функција на јакнење на правата на секој поединец или група.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, денеска, појаснувајќи ја неговата претходна изјава дека нема резерви Бугарите во Македонија да бидат споменати во Уставот како посебна етничка заедница, рече дека „нема да да дозволиме некој да прави кампања дека државата прави притисок на кој било граѓанин заради етничката припадност“.

Државата ги штити индивидуалните и колективните права и нема да дозволиме, дали поради изборна агенда, дали поради билатерални разлики, некој да ја прикаже државата дека ограничува индивидуални или колективни права. Немаме никаква резерва да ги прикажеме граѓаните така како што се презентираат и не смееме да дозволиме некој да прави кампања дека државата прави притисок, репресија на кој било граѓанин заради својата етничка припадност, изјави Османи.

Тој синоќа кажа дека Бугарите во земјава треба да се чувствуваат како слободни граѓани кои може да се организираат како колективна заедница, и ќе ги имаат сите права, па ако треба и нивно споменување во Уставот.лв

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.