Вчерашната оставка на проф.д-р Ванчо Ѓорѓиев од заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања предизвика вистинска бура на домашната политичка сцена и во севкупната јавност, пишува „ПресингТВ“.

На крајно сериозните обвинувања од страна на проф.Ѓорѓиев за мешање на висок функционер на МНР во работата на комисијата и напуштање на ставовите во Резолуцијата на Собранието за македонските црвени линии во преговорите со Бугарија од сдтрана на нејзините членови, следуваа, најблаго речено, безлични реакции од засегнатите институции, а министерот за надворешни работи, Бујар Османи, најави и истрага за случувањата и целиот настан.

Во потрага по дополнителни информации, со цел да му помогне на министерот Османи во истрагата, Пресинг ТВ го контактираше професорот Ванчо Ѓорѓиев.

Професорот Ванчо Ѓорѓиев

Тој принципиелно ни кажа дека, како што сторил и со сите заинтересирани медиуми во текот на вчерашниот ден, поради чувствителноста на политичкиот момент засега ќе се воздржи од коментирање на сите изјави.

Меѓутоа, сепак тој за „Пресинг ТВ“ додаде дека е згрозен и загрижен поради постапката на „високиот функционер“. Притоа откри дека вчера (22.10.2021), час и половина по неговото заминување од МНР, откако им соопштил на неговите колеги дека ја напушта работата на Комисијата, во 10,25 часот му се јавил „високиот функционер“ при што настојувал да го разубеди да го преиспита својот став и да се врати и да продолжи со работа во Комисијата, токму поради чувствителноста на политичкиот момент. Според професорот Ѓорѓиев, овој разговор траел точно 18 минути и 30 секунди.

Подоцна, откако професорот Ѓорѓиев го објави своето Соопштение до македонската јавност, во 12,51 повторно му заѕвонил „високиот функционер“. Овој пат разговорот траел само 43 секунди. Во овој краток период „високиот функционер“, меѓу другото, на професорот му рекол „Да знаеш, за ова лично ќе ти се одмаздам“.

Професорот Ѓорѓиев, сепак смета дека „високиот функционер“ не настапува лично, туку дека е пренесувач на инструкции и пораки од повисоки инстанци.

Дека нешто се случувало во работата на комисијата, на извесен начин потврди и копретседавачот од бугарска страна, Ангел Димитров. Тој нагласува дека „до попладнето завчера се надевал оти македонските историчари ќе променат нешто во својот однос, откако бугарската страна одново направила некакви отстапки и извесни компромиси. Но, вчера нешто се смени и денеска (односо вчера н.з.) се забележа враќање кон традиционалните ставови на нашите колеги во последните две години“.

Според него, до вчера до пладнето историчарите работеле на формулации на текстот за цар Самоил.

Направивме напори да постигнеме согласност и по тоа прашање, но македонските историчари откажаа. Малку тешко ќе излеземе од 10-11 век и не гледам желба кај нашите колеги да ја напуштат сопствената интерпретација за историското време, изјави Димитров.

Случајно или не, тајмингот што го споменува Димитров и промената на ставот нна македонските историчари, се совпаѓа токму со времето на реакцијата на проф. Ѓорѓиев.

Останува отворено прашањето што прво прифатиле, па потоа од тоа се откажале македонските историчари, зашто проф.Ѓорѓиев во образложението на неговата оставка меѓу другото наведе дека се напуштени македонските црвени линии и се прифаќа нешто што е спротивно на македонските национални интереси?!

Ако според тврдењата и на останатите членови на комисијата и на македонските политичари до сега е постигната согласност за цар Самоил, зошто тогаш не се објави прифатената содржина и зошто постојано се врти во круг токму прашањето околу оваа историска личност?

Дека содржината од протоколите ќе биде објавена многу скоро изјави уште лани премиерот Зоран Заев во контроверзното интервју за агенцијата БГНЕС. Но, до ден денес тоа не е сторено.

И во овој период не станува збор само за личноста на цар Самоил, туку за целото средновековие во кои меѓу другото влегува и прашањето за Охридската архиепископија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.