Генералниот впечаток од пропадната лидерска средба меѓу преговарачките тимови на власта и опозицијата за новото законско решение за јавното обвинителство е дека „дарежливоста и разбирањето“ на Заев за ставовите опозицијата се оптегаат сè додека не досегнат до неговата кожа и неговата одговорност пред правдата.

Инситирањето Вилма Рускоска да биде на чело на новото обвинителство до истекот на нејзиниот мандат опозицијата го толкува како инситирање на нова Катица Јанева, која овојпат Заев не е подготвен по никоја цена да ја жртвува, зашто таа е гарант за негова четврта амнестија.

Токму тоа беше и една од пораките на ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на лидерската средба, испратена преку генералниот секретар на партијата Игор Јанушев – дека на Македонија не ѝ е потребна уште една Катица Јанева.

Македонија не смее да си дозволи повторување на уште една Катица Јанева. Операцијата на власта за спасување на сопствениот криминал ќе удри во ѕид, порано или подоцна, а вистината ќе се знае. Власта не ја интересира СЈО, колку што ја интересираат механизмите за политички притисок. И да не ја замајуваат јавноста, не се они потресени за добивање на правда зошто на секој чекор сеат неправда, туку се потресени поради тоа што се ближи смената на власт по која ќе мораат да се соочат со законот и со своите постапки, пишува Јанушев.

Инаетот на Зоран Заев веќе еднаш му одзеде месеци на СДСМ во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ околу усогласувањето на Законот за јавно обвинителство кој треба да го реши статусот и на Специјалното јавно обвинителство. Во повеќе наврати, во март годинава премиерот Зоран Заев настојуваше Специјалното јавно обвинителство да остане под диригентската палка на Катица Јанева, па дури ја нарекуваше и симбол на вратената надеж во правната држава.

Половина година подоцна сламката на спасот Заев ја гледа во новата Катица – Вилма Рускоска.

И по седум часа преговори, власта прави сè за да ја спаси Вилма Рускоска со нов предлог за Законот за ЈО кој ќе ѝ гарантира на Рускоска дека ќе застане на чело на новото обвинителство кое би се формирало од постојното Обвинителство за органзиран криминал и корупција и СЈО.

Во момент од средбата премиерот Зоран Заев практично и признал дека не прифаќа договор за јавното обвинителство затоа што бара амнестија за скандалите и сомнежите за криминал во кои е вплетката актуелната власт, а за кои не се отворени постапки ниту по две години колку што е на власт.

Во еден дел од разговорите самиот Заев се согласи за нов сектор во Обвинителството, кој нема да биде надлежен за предметите и скандалите кои се актуелни, туку ќе гони корупција од датумот на формирање на органот, вели извор од опреговарачкиот тим на опозицијата.

И една претходна изјава на Заев води во оваа насока, кога на прес-конференција во Владата тој изјави дека Рускоска не му се допаѓала во времето кога бил во опозиција, ама сега…

ВМРО-ДПМНЕ силно се противи Рускоска да биде првата виолина во реформираниот јавнообвинителстки систем од причина што смета дека таа би ја имала улога на нова Катица Јанева, која ги смете и заташка криминалите на актуелната власт, како што го прави тоа вешто во случајот „Рекет“. Од партијата додаваат дека сега е јасно зошто во СЈО бришеа форензички компјутери и се скриваа телефони за кои прво викаа дека се изгубени, а потоа испадна дека биле криени додека во меѓувреме се бришеле податоци.

Јасна е улогата на Рускоска обвинителството кое прави се за да ги заштити Заев и Јанева и токму затоа среде истрага замина на одмор како би тие имале можност уништуваат докази, но да влијаат на сведоци за да не се утврди нивната вина. Институциите мора да се одважат и целосно да го истражат овој огромен скандал во кој очигледна е вмешаноста на Катица Јанева, Зоран Заев, но и многу други функционери од СДСМ. Случајот не смее да се забошоти и да остане само на двајцата обвинети Боки Тредичи и Зоран Милески Кичеец, кои се само пипци на октоподот кој го создаде Заев, стои во едно од соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со улогата на Русксока во „Рекет“ .

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.