Власта на СДСМ вети бесмилосна борба со корупцијата и криминалот и конечно ресторирање на институциите задолжени да го спроведат владеењето на правото. Се отиде дотаму, што се постави и специјален вицепремиер задолжен да ја води борбата со корупија, но вонајновиот извештај на Транспаренси Интернешнл објавен денеска, Македонија се наоѓа на 111-то место од 180 држави.

Во друштво со Панама, Босна и Херцеговина и Монголија, земјава го бележи најниското рангирање од 2001 година и има пад од пет места во однос на лани.

Ова рангирање е историски најлошо досега откако се мери во земјава – изјави Слаѓана Тасева од македонското претставништво на Транспаренси Интернешнл.

Вицепремиерот Љупчо Николовски, задолжен за борба против корупцијата, во коментар за ИРЛ вели дека последното рангирање на Транспаренси Интернешнл не значи дека „корупцијата пораснала, туку резултатите се перцепција на граѓаните“.

Тој за овој впечаток на граѓаните вели дека има три причини. Сега повеќе и послободно се зборувало за корупција, граѓаните имаат невозможни очекувања и корупцијата е дел од колективната свест.

Медиумите се послободни и може да се известува за случаи за кои порано поретко се слушало. Граѓаните очекуваа драстична промена во судството, која, како чесна и отчетна Влада би морале да кажеме, е помакотрпна од очекувањата, но сепак тековна. Државата сѐ уште е во процес на градење на колективна свест за штетното и разорно дејство на корупцијата, но ситното подмитување (активно и пасивно) тешко се искоренува – вели Николовски за ИРЛ.

Во долгиот одговор за ИРЛ за последното рангирање на Македонија, Николовски не споменува дека минатата година има само еден отворен случај на висока корупција, за Лидија Димова за сомневањата за проневера на пари од европските фондови. Потоа, дека судството и натаму дели правда со корумпирани судии. Во мерит системот најважен критериум е партиската книшка. Понатаму, дека нема проверка, а камоли запленет имот на функционер, а бројчаникот на Триумфална капија не изброи ни едно евро, како ни дека на големо продолжуваат коруптивните бизнис зделки, со истите ликови

Без самокритика за работата на досегашната власт, Николовски голем дел од вината за лошите резултати во борбата против корупцијата ги префрла на опозицијата.

Свесни сме дека граѓаните очекуваа и очекуваат брзи правни разрешници со промената на власта. Но, денес сите добро знаеме какви режимски инсталации имавме и се уште имаме во правосудството и зошто и кој ги кочеше реформите поврзани со правната држава. Точно, имаат лоши перцепции граѓаните за корупцијата кога гледаат дека најголемата опозициска партија со својот број пратеници беше против Закон за јавно обвинителсто, против продолжување и разрешница на предметтие со кои се гони висок криминал – вели Николовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.