Адвокатот на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, не дал согласност медиумските екипи да го снимаат и фотографираат рочиштето за тужбата за клевета против тужениот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ во Основниот суд Скопје 2. Ова е причината поради која на медиумиските екипи кои побарале од судот нивните сниматели и фоторепортери да го проследат рочиштето, барањата им биле одбиени.

„Република“ пред околу една недела испрати барање до претседателот на судот за фотографирање на рочиштето кое е закажано за 26 февруари. Судот прибавил мислења од двете страни, при што полномошникот на тужителот навел дека не се согласува со фотографирање на рочиштето, додека тужениот Николоски прифатил фотографирање. Врз основа на тоа, претседателот на судот го одбил нашето барање, а ист одговор добиле уште неколку домашни медиуми.

Во Основниот суд Скопје 2 на средината на месецов се одржа подготвително рочиште за тужбата за клевета на братот на премиерот Заев, Вице Заев, против потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Николоски по завршувањето на рочиштето истакна дека според него, пораката на главниот бизнис фактор во државава е до сите бизнисмени во државава да рзмислат дека ако може тој да го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вториот човек на опозицијата, што може да им се случи нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.