Поткупот е брутален и ова не е фер и демократска трка со самото тоа што ВМРО-ДПМНЕ по трет пат почнува предизборна кампања со комплетно замрзнат имот. Значи ние не можеме да функционираме како нормална политичка партија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во „Тема на денот“ во централниот дневник на ТВ Сител.

Мицкоски ја коментираше и видео снимката која пред неколку дена излеза во јавноста, а каде се гледаат како двајца кандидати за советници од СДСМ вршат брутален поткуп во населеното место Баиро во Битола, додавајќи дека ниту Министерството за внатрешни работи, ниту Јавното обвинителство не реагираат.

Излезе во медиумите видео материјал каде што гледаме како два советници кои што се на листата на советници во Битола, членови на СДСМ, вршат брутален поткуп во една населба во Битола, позната како Баиро. Замислете ниту МВР, ниту Јавното обвинителство не излегуваат со никаква истрага, туку во јавноста вчера слушнавме дека овие два советника пријавиле дека биле незаконски снимани. Значи замислете не велат, не поткупувавме, не го негираат стореното кривично дело туку велат ние бевме незаконски снимани. Такви случаи имаме многу, рече Мицкоски.

Претседателот Мицкоски обвини дека денеска на владина седница Заев на брутален начин врши институционален поткуп преку делење на државна фирма на вкупно 159 фирми, додавајќи дека тоа е спротивно на член 8а од Изборниот законик.

Но, она што е евидентен случај кое што денеска се случува е следното, денеска во 12 часот е закажана седница на Влада со предлог дневен ред и седницата на влада е именувана како тематска седница, на таа седница има точно 159 точки, вкупно оваа година толку точки Зоран Заев не поминал на седница на влада, знаете зошто? Затоа што одлучиле да направат брутален институционален поткуп и да доделат спротивно на Изборниот закон кој што е јасен, членот 8а е јасен, спротивно на сите препораки на законодавството кое што најчесто дава мислења за вакви седници, да доделат државна финансиска помош за 159 компании и станува збор за неколку 10тици милиони евра, на четири дена пред изборите. Зошто ако тие се убедени дека победуваат како што велат по митинзите, им требаат луѓе советници да делат поткуп, им треба владата да дели 10тици милиони народни пари ако се толку убедени Зоран Заев, Али Ахмети и останатите дека победуваат, потенцираше Мицкоски.

На крај, Мицкоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 17ти октомври и преку давање на поддршка на кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ да ја одбранат својата иднина, но и да ги казнат сите овие криминални измамнички политики од страна на СДСМ и Зоран Заев.

Јас верувам во македонскиот народ и го повикувам да си ја одбрани својата иднина затоа што овие луѓе со нивни пари не со крадените, крадените кеш ги делат, ова се пари од Буџетот на граѓаните, на четири дена пред гласање делат 10тици милиони евра, мислејќи дека на тој начин ќе го намалат поразот. Затоа ги повикувам граѓаните масовно да излезат и да гласаат, и да не дозволат вакви ситни шибицари да им ја украдат иднината. Јас верувам во македонскиот народ, јас верувам во граѓаните на Македонија дека ќе го препознаат ова, дека ќе излезат и ќе ги казнат овие криминални измамнички политики. Затоа верувам дека ќе победиме и затоа верувам дека овие луѓе ќе одговараат за ова што го прават, треба да се свесни дека ќе одговараат зошто јасен е Изборниот законик членот 8а дека не смеат овие работи да се прават, дециден е Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.