Бомбите на Зоран Заев се базирани на материјали кои биле незаконски следени, а потоа изменети и компромитирани. Ова во својот исказ пред судот во предметот „Таргет-Тврдина“ го изјави денеска поранешниот директор на УБК Зоран Верушевски, кој важеше за креатор на целиот проект на Зоран Заев.

Верушевски изјави дека до неговото апсење го знаел точниот обем на документацијата, но потоа немал контрола.

Факт е дека таа документација доживеа страотни модификации и компромитирања. Зборувам после моето лишување од слобода – кажа Верушевски, на општо изненадување во судницата. Тоа практично значи дека материјалите кои ги предал Заев во СЈО се изменети и монтирани, што практично отвара прашања во однос на постапките и по другите предмети.

Во својот исказ Верушевски не можеше да ја потврди ниту веродостојноста на материјалите со кои располагал пред да биде приведен во случајот „Пуч“.

Потеклото и креацијата на документацијата може да ја даде само надлежна институција со вештачење. За политичка партија таквата амбиција не е достижна, ниту е поставена како реалност. Амбицијата на одделот со кој управував беше да обезбеди валидни документи со кои партијата ќе го оспори легитимитетот на власта – изјави Верушевски.

Верушевски денеска се обиде да се дистанцира себе си од проектот „Вистина за Македонија“, велејќи дека неговата улога била да ги анализира незаконски прибавените материјали и за тоа да ги информира лидерите на СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.