Во сведочењето за масовното прислушување во предметот „Таргет“ и „Тврдина”, ексразузнавачот Зоран Верушевски сведочеше дека во 2010 година ги добил првите информации за бомбите. На почетокот на сведочењето рече дека останува на исказот што го дал пред обвинителот за гонење организиран криминал и корупција во случајот „Пуч”.

На барање на обвинителот Артан Ајро да посочи на што точно се сеќава, Верушевски рече дека сѐ убаво објаснил во исказот што го дал по апсењето во случајот „Пуч”. Toj кажа дека бил одговорен за безбедноста во СДСМ и дека добил сензитивни информации со кои постапувал.

Не обезбедував јас никакви разговори, или други документи. Сѐ што се слеваше како документација во партијата, беше моја обврска, за лидерството да гради политичка стратегија. До моето лишување од слобода, таа обврска во целост ја исполнив и сите информации кои доаѓаа до партијата го имаа истиот третман. По моето лишување од слобода документите се надвор од мојата одговорност.

Верушевски појасни дека никакви материјали не му предал Ѓорѓи Лазаревски и дека одговорноста за материјалите била на партијата.

Ѓорѓи Лазаревски беше едно од лицата кои донесуваа документи до партијата. Тоа лице ги доставило материјалите пред моето враќање од Италија во Македонија и продолжи во 2014 година – рече Верушевски.

Документацијата е цело време во партијата и со неа управува претседателот на партијата – кажа ексразузнавачот.

На прашањето на обвинителот дали за содржината на бомбите зборел со Црвенковски и Заев тој рече:

Црвенковски и Заев во цело време на нивното лидерство имаа увид во документацијата. Стратешка одлука беше на Црвенковски како ќе ја користи, а потоа и на Заев – рече Верушевски.

Информацијата и документацијата не завршуваше кај мене, туку кај политичката партија – кажа Верушевски пред судот.

Тој рече дека откако го уапсиле бомбите доживеале промени.

Факт е дека таа документација доживеа стравотна модификација и компромитирање и сето тоа се случува по моето лишување од слобода – сведочеше Верушевски.

Тој додаде дека исказот на Ѓорѓи Лазаревски пред Обвинителството за случајот „Пуч” бил целосно невистинит. Следното рочиште кога адвокатите на обвинетите ќе го испрашуваат Верушевски е закажано за 10 октомври.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.