Венецијанската комисија, на денешната пленарна сесија на која учествуваше и министерката за правда Рената Дескоска, го поздрави мислењето за Законот за Судски совет, со што смета оти постигнато високо ниво на усогласеност со другите закони.

Венецијанската комисија го образложи своето мислење за предложениот Закон за Судскиот совет, што го смета за високо квалитетно законодавство, односно дека со законот е постигнато високо ниво на усогласување со други закони, соопшти Министерството за правда.

Венецијанската комисија, како што наведува Министерството, повторно имаше позитивна оценка за реформите во правосудството и усогласувањето на домашното законодавство со меѓународните стандарди.

На сесијата е истакната добрата соработка на министерката Дескоска со Венецијанската комисија, како и подготвеноста на Владата на Република Северна Македонија брзо да ги имплементира препораките на Венецијанската комисија.

Венецијанската комисија со задоволство истакна дека се испочитувани значителен број препораки кои беа испратени до Министерството за правда, стои во соопштението.

Севкупната оценка овозможува да се заклучи дека одредбите од нацрт-законот се најчесто во согласност со меѓународните стандарди и, ако се толкуваат и спроведуваат во добра верба, можат да обезбедат независност и ефикасност на судството. Комисијата имаше и пофални зборови и за јасноста на правната рамка, наведува Министерството.

Позитивно се оценети новите критериуми за избор на членови на Судскиот совет.

Покрај другите позитивни измени на Законот за Судски совет, во извештајот на Венецијанската комисија се препорачува и психолошките тестови повеќе да не се користат при изборот на членовите на Судскиот совет, со што се намалува можноста за политички влијанија при изборот на членовите на Советот.

Околу изборот за претседател на Судски совет, Венецијанската комисија препорачува тој да се избира со двотретинско мнозинство од редот на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието.

Министерката Дескоска изрази благодарност, но и подготвеност од страна на Владата за имплементација на сите препораки на Венецијанската комисија за подобрување на законските текстови, сe додава во соопштението Министерството за правда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.