Иако обвинителката Гордана Смаќоска побара притвор за поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистерот за образование, Спиро Ристовски, ексминистерот за транспорт, Миле Јанакиески и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, судот одлучи сите осудени да бидат во куќен притвор.

По однос на предлогот на јавниот обвинител за гонење на организиран криминал и корупција за определување мерка куќен притвор за Миле Јанакиески за укинување на мерката куќен притвор и определување мерка притвор спрема обвинетиот Миле Јанакиески се одбива. Спрема обвинетиот Миле Јанакиески веќе е определен куќен притвор во друга постапка и согласно Законот за кривична постапка овој Совет не е надлежен за укинување на таа мерка. Според Советот, вака определаната мерка е доволна за обезбедување на обвинетиот до правосилност на пресудата – рече судијата.

Според Советот, по однос на предлогот за определување мерка притвор кон обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски судот донесе решение по советување и гласање, спшоред ЗКП, делумно се уважува предлогот на ЈОРМ и се определува мерка куќен притвор до правосилност на пресудата, односно до издржување на казната.

Им се забранува на обвинетите да го напуштат местото каде се спроведува мерката кужен притвор, им се забранува да комуницираат со лица и да употребуваат средства за комуникација, освен со членовите на семејството со кои живеат. Доколку не се придржуваат до забранат, ќе бидат спроведени во притвор. 

Обвинителката бараше притвор со образложение дека  тие имаат контакти бидејќи некогаш биле високи функционери, а со тоа можат да се дадат во бегство. Притворот е побаран бидејќи се осудени како организатори на 27 април.

Предлагам на Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски да им се определи притвор до правосилност на пресудата. Денеска тие се прогласени за виновни за многу тешко кривично дело. Тие имаат многу познанства во странство, кои ако се бранат од слобода тие ќе се дадат во бегство, односно кријат за да ја избегнат кривичната одговорност и издржување на ефективната казна затвор. Со оглед дека Миле Јанакиески е во куќен притвор по друг предмет, предлагам судот да ја укине таа мерка и да определи притвор по истите основи како останатите обвинети – рече обвинителката Смаќоска.

На ова се спротивставија адвокатите на обвинетите кои добија затворски казни за случајот „Организатори на 27 април“. Адвокатот Еленко Миланов кажа дека сите обвинети до сега го почитувале судот, доаѓале на судења, а за обвинетиот Миле Јанакиески кажа дека веќе е во куќен притвор и нема ниту едно негово прекршување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.