Во текот на вчерашниот ден потврден е четврти случај на заразен со делта сој на коронавирусот во нашата држава, а четири други лица се суспектни. Новорегистрираниот со индиската варијанта се лекува во болницата во Велес и е со лесна клиничка слика. Од четирите суспектни на делта сојот, едниот е во лоша здравствена состојба, приклучен на респиратор, а три лица се со стабилна клиничка слика, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Епидемиологот д-р Билјана Трајкова од ЦЈЗ Велес за „Фокус” појаснува дека станува збор за пациент кој живее во велешко село, и немал контакт со други лица, освен со неговата сопруга, откако се вратил од Лондон.

Уште кога пристигнал дома, на 21-ви јуни, тој се почувствувал омалаксано, не знаел дали е тоа поради патувањето, но и поради пандемијата со корона вирус, бил претпазлив и немал контакти со други луѓе. Според негови зборови, не се видел ниту со соседите и пријателите, единствено бил во контакт со сопругата со која живеат сами. Таа е единственото лице на кое му е одредена изолација поради овој случај и засега нема покажано симптоми на вирусот, вели д-р Трајкова за порталот.

За суспектните четворица пациенти, до вечер ќе се знае дали се заразени со индиската варијанта на вирусот или не.

Скринингот, кој се прави на тестовите во Институтот за јавно здравје лабораторијата на МАНУ, ја исклучува британската варијанта на вирусот. Што значи, секаде каде што ќе се покаже дека не е британската варијанта, се прави секвенционирање за да се потврди присуство на индискиот сој, соопшти утрово министерот Филипче, кој рече дека новозаразените случаи не се епидемиолошки поврзани едни со други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.