СДСМ нема време за чекање. Сѐ што мора да се случи треба да се случи не утре или следниот месец, туку уште вечерва, на најавената седница на Централниот одбор на СДСМ. Оставките на неколку кадри директно поврзани со осомничениот Бојан Јовановски и извинувањето на еден суетен лидер до партиската база и до симпатизерите на СДСМ, се цената што треба веднаш да се плати, во обид да се создаде вечаток дека владејачката партија искрено и енергично се бори за расчистување на аферата „Рекет“, пишува Бранко Героски за Плусинфо.

Соопштението на обвинителите беше совршено јасно: Катица Јанева ја искористила својата службена положба и овластувања, кои ги има согласно законите, па за себе и за двајцата осомничени, против кои се води истрагата, прибавила имотна корист во значителен износ, и тоа за себе предмети – мебел во износ од 298.000 денари, кои за неа ги набавил еден од осомничените, а за двајцата осомничени прибавила имотна корист од 1,5 милиони евра. Јанева е осомничена за кривично дело Злоупотреба на службена положба по член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Ставот 3 прецизно кажува дека за прибавување „имотна корист во значителен износ“, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку 3 години.

Најважно е овој апел да го разберат политичарите, посебно од владејачкиот СДСМ. Аферата „Рекет“, за жал, е нешто повеќе од лажната вест што ја кажа премиерот Зоран Заев, имено дека наводно станувало збор обид на „една група криминалци“, на „еден суетен новинар“ и на „еден педер“ да ја урнат власта. Во неколку написи, укажав на директни конекции на функционери од државниот врв и од раководството на СДСМ, како со луѓе од таа „група криминалци“ за која зборува Заев (патем речено, сѐ уште неосудени, а некои и необвинети), така и со човекот што тој го именуваше како „еден педер“. Впрочем, за овие конекции постојат видливи материјални докази, вклучувајќи и десетици видео-снимки и фотографии. Ако смеам да додадам, срамни видео-снимки и фотографии! Претпоставувам дека утре, во кампањата за следните парламентарни избори, овие фотографии ќе ги гледаме на билбордите, а видеата ќе се вртат на порталите и на телевизиите, како крунски докази против партијата која дозволила нејзини врвни кадри непромислено да го крунисаат кралот на рекетот, да му дадат силна морална и политичка поддршка и со тоа да му овозможат да ја сплете својата злосторничка мрежа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.