Во вечерашната дебатна емисија „Клик плус” на ТВ21 гостуваше пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, која се осврна на актуелните политички случувања, пописот кој најверојатно ќе се спроведе во државата, како и моменталната ситуација во однос на затворената група на комуникациската апликација Телеграм.

Василевска беше децидна во ставот дека сите кои биле инволвирани во процесот на формирање на групата и инвитацијата на членови во истата, треба да бидат драконски санкционирани и спроведени пред лицето на правдата. Според неа, таквиот чин не само што ги девалвира, понижува и повредува припадничките на понежниот пол, туку и укажува на уште една посериозна појава, односно дијагноза кај луѓето кои долги години се исмејувале со фотографии од млади девојки од државата.

Симптоматично е што овој скандал се појави по втор пат, а овој пат се случи во моментите кога Собранието на Република Македонија го донесе законот против насилство врз жената. Донесувањето на овој закон покажа дека сите пратеници од Собранието се зрели и хомогени по ова прашање, односно дека стојат зад ставот секоја жена да има заштита каква што заслужува. Токму поради тоа во овој момент, повторно мораме да покажеме и пред себе и пред јавноста дека државата е спремна да застане во одбрана на секоја жена или девојка која би наишла на ваква или слична ситуација, додаде Василевска.

Во овие моменти владее недоверба во институциите, поточно од Министерството за внатрешни работи, посочи таа, поради тоа што се дозна дека во истата група на апликацијата Телеграм имало и припадници на МВР, односно лица кои и во претходната афера биле инволвирани, а сега самата институција не ги санкционира.

МВР не смее да користи паушални изговори за да ги тргне рацете од случајот, туку напротив мора да реагира професионално и случајот да се расчисти. Доколку овој случај не добие завршница каква што сите очекуваат, тогаш ова насилство може повторно да роди ново насилство, заврши Василевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.