Луѓето мораат добро да бидат информирани од страна на нивната влада пред да се вакцинираат, а македонската влада веројатно не си ја завршила како што треба работата околу кампањата, не ги слушала доволно експертите и веројатно не презела одговорност за своите потези, објаснува д-р Иван Ѓикиќ, светски ценет научник и професор од Гете Универзитетот во Франкфурт на онлајн-средба со наши новинари. Според него, пандемијата нема да заврши набрзо, а ќе биде готово кога барем 60 до 70 отсто од граѓаните во сите земји во светот би биле вакцинирани.

Д-р Иван Ѓикиќ е често присутен во медиумите и јавно зборува за предизвиците со короната. На денешната зум-средба организирана од НВО Инфоцентарот тој рече дека нè очекува тешка и неизвесна зима, дека новиот делта-плус сој може да доминира во Европа, а дека ако Македонија остане на бројката од 50 отсто вакцинирани возрасни граѓани веројатно зимава ќе имаме нови починати, над оние проценети 7.000 лица во моментов.

Во земји како Данска и Норвешка клучот за да се промени однесувањето на луѓето е во доброто и јасно комуницирање на владата и кампањата со граѓаните – вели Ѓикиќ.

Д-р Ѓикиќ вели дека сите видови на вакцини против коронавирус се безбедни и штитат до 90 отсто на почетокот, дека можеме да ги мешаме и дека трета доза е убаво да земат и младите, а не само старите. Тој жали што владите низ Европа не ги слушаат доволно експертите, дека медиумите цело време заплашуваат, но потсетува дека тоа што Македонија е мала и сиромашна земја не е изговор за лошото менаџирање на ковид-кризата, а пред сè битна е довербата која граѓаните ја имаат во владата и нејзиниот кредибилитет.

Македонската влада не работела добро и не смееме да застанеме на 50 отсто
Запрашан да ја коментира ковид-смртноста кај нас д-р Ѓикиќ вели дека тоа е поврзано со процентот на вакцинирани граѓани.

Дури не постигнете 60-70 отсто, Македонија ќе биде земја со ризик за смртност од коронавирус. Ако останете под 50 отсто тоа е веќе причина за аларм. Со тој процент, низ зимата ќе имате не 7.000, туку неколку илјади повеќе починати. Делта-сојот се шири 60 отсто повеќе од другите мутации. Можете да замислите колкави ќе беа бројките ако воопшто немавме вакцини. А, сигурен сум дека новиот делта-плус сој веќе прошетал по цела Европа и тоа сигурно ќе биде нов проблем оваа зима.

За д-р Ѓикиќ доказ дека македонската влада не работела добро е фактот што Македонија е на трето место по смртност во светот, а уште поинтересно е што 17 отсто од починатите во земјата биле од вакцинираните.

Тие луѓе (починатите) дошле во контакт со вирусот многу почесто и повеќе, особено затоа што биле во средина каде што повеќето луѓе се невакцинирани и вирусот продрел во нивниот имунолошки систем оборувајќи го. Да не заборавиме дека имунитетот од вакцината опаѓа веќе по три, а уште повеќе по шест месеци – вели тој.

Д-р Ѓикиќ изјави дека се надева дека македонската влада ќе ги сфати конструктивно критиките од експертите, како што тоа треба да го направи секоја друга влада во светот.

Кога сме кај лошото менаџирање, за д-р Ѓикиќ нееднаквоста меѓу земјите, сиромаштијата и фактот што некои земји подоцна ги добија вакцините не се оправдување и не се главна причина за хаосот. Според него, сè е до довербата која граѓаните ја имаат во владата:

Видете, во Данска во просек 400 луѓе умираат на милион луѓе. Во Македонија има околу 7.000 луѓе на целата популација. Но, никој не може да ме убеди дека тоа е до економската запуштеност. Многу источноевропски земји покажаа дека се меѓу најдобрите во справување. Во некои земји, луѓето не ја перцепираат власта како одговорна и свесна и тоа е тоа што придонесува да не ги почитуваат мерките, особено по првиот бран, бидејќи короната доаѓа во бранови.

Целиот текст на линкот

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.