Министерот за правда Бојан Маричиќ попладнево преку видео врска оствари средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Како што соопштуваат од Министерството за правда, министерот му ги претстави на еврокомесарот последните реформи кои ги спроведува Владата и Министерството за правда во насока на севкупно подобрување на работењето на правосудниот систем.

Еврокомесарот Вархеји ја поздрави блиската соработка и партнерство со ЕУ во реформите во областа, имајќи предвид дека со почетокот на преговорите за членство во Европската унија особено ќе се интензивира соработката во секторот правда. Вархеји исто така ја потенцираше значајноста на Поглавјето 23, кое како дел од кластерот „Фундаменти“ ќе биде од постојан интерес за Комисијата и земјите членки, се вели во соопштението.

Дополнително, еврокомесарот посочил дека во наредниот период потребно е интензивно да се работи на случаите на организиран криминал и висока корупција и да не се дозволи предметите да застаруваат или да не се постапува по случаите.

Вархеји понуди и конкретна помош во насока на дигитализацијата на судството, како и експертска помош од Европската комисија онаму каде што е потребно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.