Професорката Билјана Ванковска преку Фејсбук ја искоментира вчерашната лидерскасредба, оценувајки дека се прават чекори за да се изменаџираат штетите од Ката и Рекет, но според Ванковска,политичките лидери и партиите можат да си водат партиски политики и програми, и применуваат вакви или онакви тактики, ама институциите се воспоставуваат во Собранието и никаде на друго место.

-Оваа рашомонијада со СЈО/ЈО е само продолжение на старата сапунска серија, или ако сакате криво засаденото дрво на меѓународниот стејтбилдинг.

Особено на онаа за Пржинската серија… Наместо градење институции согласно принципот на владеење на правото, т.е. политиката во границите на правото, тие (странците) ја извртеа тезата која е доминантна во нивните општества, па како што доликува на колонии за кои важат други „правила“ политиката (партиите) ги поставија НАД правото, па дури и ги вклучија како одлучувачки фактори внатре во законите.

Тоа го нарекуваа излез од кризата и политички компромис. Од почетокот до денес, СЈО беше и остана неуставна категорија/институција, но сите се преправаа дека се’ е во ред, бидејќи „нема правда, нема мир“. Демек, повисоко добро е во прашање…

Сега, прават чекор понатаму за да ги менаџираат штетите настанати од тајфунот Ката и Рекет, па нивните т.н. експерти и „политички аналитичари“ тврдат дека пак може да се биде флексибилен, или што би рекол другарот Тито своевремено „не држите се права, ко пијан за плот“.

Други се чудат, но никако да го видат коренот на нештата, а тоа е противуставноста, онаа вградена во СЈО и неговото целосно функционирање. А со владеењето на правото е како со бременоста, не можеш само „малку“ да го прекршиш, бидејќи целата структура паѓа, неповратно…

И сега, во безизлез, пак седнале двајца-тројца политички лидери да ПРЕГОВАРААТ, да се ценкаат и натегаат, заради политички цели, а не заради поставување на нештата на здрава непратиска и вонпартиска, ама институционална основа. Добро е што на некои адвокати им текнало да го поврзат овој гнилеж со купувањето пратеници, ама доцна е, предоцна… освен ако не дојде до радикален прекин со неправноста и партитократијата…Политичките лидери и партиите можат да си водат партиски политики и програми, и применуваат вакви или онакви тактики, ама институциите се воспоставуваат во Собранието и никаде на друго место.

Е, сега ќе речете: кое Собрание? Она што е претворено не само во гласачка машина, туку и во сточен пазар? И тука почнува бескрајното натегање што е прво – кокошката или јајцето…

Од вој „штоф“ – толку, стои во статусот на Ванковска.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.