Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, утре, од Скопје ќе ја започне балканската турнеја која ќе биде посветена на енергетската криза.

Поради нејзиното доаѓање, МВР за утре и задутре најави посебен сообраќаен режим и апелира граѓаните да ги почитуваат наредните од полицајците.

„СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници“, велат од МВР.

Целта на посетата на претседателката на ЕК, како што најавија од Брисел пред два дена, е да му се пренесе на регионот дека тој е важен за Европската Унија.

„Оваа посета се разбира се одвива во посебен контекст, кој е контекст на последователни кризи, прво ковид, а сега војната во Украина и нејзините последици“, рече портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.

Како што и самата Фон дер Лајен најави минатата недела од Стразбур, еден дел од помошта во областа на енергетската криза ќе биде вклучувањето на земјите од Западен Балкан за заедничко купување на енергенси со земјите од ЕУ. Оваа платформа има за цел да ја зајакне соработката меѓу земјите и да ја намали конкурентноста помеѓу државите на енергетскиот пазар.

После Скопје, претседателката на ЕК ќе отпатува во Приштина и Тирана в четврток, Сараево и Белград в петок и Подгорица во сабота.

Во Србија се очекува претседателката да го повтори барањето на ЕУ, Белград да воведе санкции против Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.