Уставниот суд на денешната втора седница ги разгледа иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целина и посебно за членот 2. Ставовите на уставните судии се поделени.

За едни иницијативата треба да се отфрли како неоснована, додека според други Законот е противуставен и иницијативата не може да биде отфрлена.

Уставниот судија Насер Ајдари, образложувајќи ги иницијативите, рече дека барањата за утврдување на уставност треба да се отфрлат како неосновани бидејќи судот веќе се има произнесено по овој закон.

Според деловникот, кога Уставниот суд на претходна иницијатива ќе се произнесе по ваквко прашање, единствено решение е ваквиот предлог да се отфрли како неоснован. Уставниот суд не може да се става во улога на Собранието, туку тој одлучува дали Собранието имало уставно право да го донесе законот и затоа ваквите прашање за правото на давање аменстија се неосновани, рече Ајдари.

Според судијата Јован Јосифовски, овие две иницијативи се подробно образложени и треба да се прифатат, особено што тој останува на својот претходен став, дека законот е противуставен.

Неспорно е дека Собранието дава амнестија, туку членот 2 со кој се префрла правото на одлучување на судот. Не е ова прв пат да се дава амнестија, ова е шестти случај на амнестија. Не може Собранието кое дава амнестија да го пренесе правото на судот да одлучува арбитрарно кој ќе добие, а кој нема амнестија за ист кривичен настан. Од тие причини сметам дека законот е противуставен, рече Јосифовски.

Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати, рече дека негов личен став е дека сите правни норми мора да бидат функционални и дека со давањето вакви закони за вакви настани не се зацврстуваат државните вредности.

 Никогаш нема да поддржам вакви амнестии кои се на штета на државата. Се овој закон во целост ние нема да ги дисциплинираме сторителите и не ги зацвстуваме државните вредности, изјави Мурати.

Судијата Осман Кадриу, нагласи дека треба да се прифати дека законодавецот не дава амнестија за дела со кои се загрозува интегритетот и суверенитетот на државата.

Уставната судијка Елена Гошева, рече дека има многу недоследности и дека треба да се отфрли предлогот за одбивање на иницијативата како неоснована.

 Дали Собранието на претходните амнестии одлучуваше што е опфаќа и кои кривични дела. Кога се донесе амнестијата од 2001 година не се гледаше за какви и колку дела се амнестираат. Не сакам да се враќам назад на вака болни теми, но не може сега да тврдиме дека законот е уставен, изјави Гошева.

Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целина е поднесена од Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, додека иницијативата за членот 2 од истиот закон е поднесена од адвокат Јошевска Анастасовска.

Уставниот суд одлучува со мнозинство на тајно гласање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.